Бојан Миовски за половина час и Ердал Ракип за 15-тина минути на терен, ги оправдаа очекувањата од нив, и се потврди дека се големи освежувања во македонската фудбалска репрезентација на позициите на кои што играат. Тие ја зголемуваат конкуренцијата, и селекторот Благоја Милевски има опција плус во нападот и средниот ред.
Сега Милевски може да комбинира во средниот ред, без да се плаши дека може да се почувствува ако на некој меч ни фали на пример Адеми. Тука е Ракип кој игра на високо ниво за Малме, и кога подобро ќе се запознае и воигра со репрезентативните колеги, ќе биде голем плус за Македонија во годините кои доаѓаат.
Тој има 25 години, и може уште многу да даде за националниот тим кој го одбра тој самиот, иако е роден во Шведска.
Што се однесува до 22-годишниот штипјанец Миовски, тој синоќа на средбата со Лихтенштајн влезе при резултат 1-0, и внесе живост во нападот. Уште на дебито покажа дека Милевски може да смета на него, и дека имаме уште еден одличен напаѓач покрај Милан Ристовски и Адис Јаховиќ. Миовски имаше неколку шанси, но голманот на Лихтенштајн го спречи во намерата дебито да го украси со гол.
Ако членот на МТК Будимпешта продолжи да игра вака, головите брзо ќе дојдат, можеби уште против големата Германија, меч на кој Ристовски нема да игра поради суспензија, па Миовски може да биде и стартер.