Бојан Миовски би бил најсреќен доколку постигнеше гол против Украина, имаше две добри прилики да го совлада Трубин, но не успеа, и смета дека среќата била оној фактор кој пресудил Македонија да загуби во Прага од Украинците во денешниот меч од квалификациите за ЕП 2024.
„Точно е дека ние играчите најмногу сакаме да дадеме гол, особено јас како напаѓач. Даваме максимум на терен, во првото полувреме игравме одлично, изостана само гол. Ако дадевме гол, ќе беше поинаку. Несреќно загубивме. При втората шанса ми остана во нозе топката, немав сила, да беше понапред топката ќе беше полесно. Тоа е фудбалот, при првиот нивен гол, топката одеше во гол-аут, но се одби од наш играч и влезе во мрежа. Ние ја немавме таа среќа“ – анализира Миовски.
И Аријан Адеми кој играше во второто полувреме, жали што не извлековме поповолен резултат.
„Штета, имавме шанси, беше отворен меч. Пресуди нивната смиреност, што е тука е, одиме понатаму. Ќе дадеме максимум и ќе пробаме да изненадиме на последните два меча“ – рече Адеми.