Миовски може да си замине од Ренџерс на крајот од сезоната

Македонскиот репрезентативец Бојан Миовски порано од предвиденото ги заврши обврските околу националниот тим откако реши да им се врати на клупските обврски пред да биде дуелот против Република Ирска во Даблин. Миовски не доби шанса да игра за Македонија против Данска, па разочаран побара предвреме да си замине од репрезентацијата во овој циклус и да се фокусира на обврските што ги има со Глазгов ренџерс.

На Миовски не му оди најдобро ниту во Ренџерс, каде што последен пат беше стартер на 2 февруари, на дуел против Килманрок. Кога потпиша за шкотскиот гигант, Миовски беше најавуван како големо засилување и веднаш, неполни 24 часа од доаѓањето беше стартер против вечниот ривал Селтик. Сепак, сега Миовски е сè поблиску до заминување од Ренџерс, а тоа го пишуваат и тамошните медиуми.

„Поранешната ѕвезда на Абердин одигра само 20 минути во последните три првенствени натпревари за Ренџерс, па веќе се зборува дека Миовски треба да биде продаден. Ренџерс размислува за доведување нов напаѓач по завршувањето на сезоната, а прв на списокот е голгетерот на Шефилд јунајтед, Тајрис Кембел. Наводниот интерес на клубот за потпишување на договорот со Кемпбел ќе биде можна лоша вест за Миовски бидејќи тоа би можело да го означи крајот на неговиот престој во Иброкс, пишува „Дејли Рекорд“.

Следниот меч Ренџерс ќе го игра на домашен терен против екипата на Данди на 4 април.

 

- Оглас -

Најнови вести