Фудбалската репрезентација на Македонија со реми и победа го заврши септемврискиот циклус од квалификациите за ЕП 2024 и остана во игра за освојување на второто место во групата Ц, кое носи пласман на континенталниот собир.
По ремито во саботата со Италија (1:1), фудбалерите вечерва ја совладаа Малта со 2:0, и тоа со головите на Елмас и на Манев.
„Нормално, секогаш кога ќе се постигне гол рано против вакви противници, е одлично, кога ќе се отвори натпреварот уште во петтата минута. Потоа сè беше рутински, постигнавме и гол од корнер и на полувреме заминавме со 2:0. Знаеме дека за нас 2:0 на полувреме е лош резултат и затоа останавме со ист пристап до крајот на натпреварот и ја задржавме предноста, а имавме уште неколку шанси да постигнеме и трет гол. Но, задоволни сме со овој резултат и освоените три бода“, рече Миовски по мечот.
До крајот на квалификациите, Македонија ја очекуваат уште три меча, и тоа на гости со директните конкуренти за второто место, Украина и Италија, како и со лидерот во групата Ц, Англија, во Скопје, во последното коло.
„Имаме еднаков број освоени бодови и со Украина и со Италија, но доколку сакаме да одиме на ЕП, мора да се победат големи репрезентации. Мислам дека тоа треба да го докажеме и заслужено да одиме на ЕП“, вели Миовски.