Македонскиот репрезентативец Бојан Миовски ја заврши сезоната по повредата со која се здоби на вчерашниот меч во дресот на Абердин против Сент Мирен. Само по 33 минути поминати на терен, Миовски мораше да биде заменет откако врз него остро стартуваше гостинскиот фудбалер Смол.
На голгетерот на Абердин му настрада глуждот на левата нога, а по направените детални лекарски прегледи, констатирано е дека нема скршеница, но дека сепак повредата е сериозна и Миовски одреден период ќе мора да мирува.
„За жал, предвреме ја завршив сезоната со повреда на глуждот, а добрата вест е дека нема скршеница, утре ќе имам дополнителни прегледи на лигаментите.
Ви благодарам на сите за пораките, ќе се вратам посилен“, беше пораката од Бојан испратена преку социјалните медиуми.
Оваа повреда на Миовски доаѓа во најлош можен момент за селекторот Благоја Милевски, кој треба да го соопшти составот за дуелоте против Украина и Англија кои ќе се играат следниот месец во квалификациите за ЕП 2024.