Македонија дојде до планирани три бода на гостувањето кај Лихтенштајн и со головите на Трајковски, Муслиу и Миовски победи со 0-3. Одличен почеток за нас во квалификациите за Светското првенство, но стрелецот на третиот погодок за нашата репрезентација, Бојан Миовски, вели дека е разочаран од однесувањето на домашните, кои не само што не го наводниле теренот за игра, туку како и воопшто да не им се играло.
„Ѝ благодарам на публиката што дојде во толку голем број, навистина се чувствувавме како да игравме дома. Се надевам дека и во Скопје на натпреварот против Велс ќе има многу публика и ќе ни бидат мотив плус, бидејќи ќе ни требаат сите 90 минути. Разочаран сум од Лихтенштајн, бидејќи не го наводнија теренот, игравме на сув терен. Тоа ни направи многу проблеми во првото полувреме, едноставно не сакаа да играат фудбал, што е многу жално. Но ние дојдовме со една цел, да освоиме три бода. Победата можеби изгледа рутинска, но навистина беше тешко да се игра, но останавме сконцентрирани од самиот почеток и бевме доста агресивни. Дадовме гол многу рано, и вториот гол го дадовме во вистински момент и потоа се беше во наша полза. Ова е одличен старт за понатаму во квалификациите.“ – рече Бојан Миовски после мечот против Лихтенштајн.