Миовски: Секогаш е одлично кога се игра против врвни репрезентации

Фудбалската репрезентација ги продолжува подготовките за последните два меча од квалидфикациите за пласман на ЕП 2024 против селекциите на Италија и Англија, а фудбалерите во одлично расположение ги одработуваат тренинзите.

Еден од главните адути на селекторот Благоја Милевски за дуелите со гигантите ќе биде Бојан Миовски, кој игра одлично во дресот на Абердин. Македонија прво в петок на „Олимпико“ во Рим ќе игра против Италија, а квалификациите ги затвора на 20 ноември на Националната арена „Тодор Проески“ против Англија.

„Секогаш е одлично кога се игра против вакви врвни репрезентации. Ќе видиме до каде сме со својот квалитет и мислам дека овие натпревари ни доаѓаат во вистински момент. Не чувствуваме никаков притисок, имаме одлични резултати во дуелите со Италија во последно време и мислам дека во Рим ќе одиме да се надигруваме со Аѕурите. Треба да ги чекаме нашите шанси на контри. Мислам дека ќе биде нормално тие да имаат поголем посед и контрола врз играта, но исто така мислам дека можеме да ги изненадиме преку контрите“, вели Миовски.

По подолго време, во репрезентацијата се врати Тихомир Костадинов, за кого заврши тешкиот период во којшто имаше две операции на коленото.

„Исклучително ми е драго што сум тука, поминав тежок период во којшто имав две операции на коленото, потенцијално и трета. Помина доста долго време, но сега сето тоа е минато и веќе два месеца тренирам со екипата и иако немам играно на официјален меч, се чувствувам подготвен. Искрено, среќен сум што сум тука и ме радува што се вратив. Последните два собира беа успешни од наша страна, момците одиграа добар фудбал и се надевам дека ќе биде така и на претстојните два меча. Нè очекуваат исклучително тешки натпревари против моќни селекции, но одиме да се надигруваме и да оствариме позитивен резултат. Мислам дека во Рим нè чека различен натпревар од тој во Скопје, наша задача е да одиграме тимски, да гинеме еден за друг и мислам дека со таков пристап можеме да оствариме добар резултат.
Италија мора да нè победи ако сака да игра на ЕП, а плус за нас е тоа што ќе влеземе порастоварени. Мислам дека притисокот е врз Италија, тие мора да победат, но ние сме тука да се надигруваме и зошто да не оствариме добар резултат“, вели Костадинов.

- Оглас -

Најнови вести