На Бојан Миовски му се укажува неочекувана шанса да биде стартер во тимот на Жирона за утрешниот меч против Рајо Ваљекано од првото коло во шпанската Ла Лига.
Абел Руиз е повреден, Кристијан Стуани ќе го нема од лични причини, па тоа е прилика за Миовски да заигра можеби и уште од првата минута.
Тренерот Мичел на денешната прес-конференција откри дека Стуани ги информирал дека има некакви приватни проблеми поради кои нема да настапи утре, а Мичел додаде и дека знае кој ќе биде во шпицот на нападот, но не сакаше да открие.
„Миовски на местото на Стуани? Знам кој ќе игра во нападот, но нема да кажам сега“, одговори Мичел.
Иднината на Бојан во Жирона е неизвесна, ставен е во втор план и ќе ја нема посакуваната минутажа, но му се отвора шанса утре да покаже дека има квалитет и можеби да остане во клубот барем до полусезоната.