Данската тенисерка Каролина Возњацки, која по тригодишна пауза му се врати на тенисот, во второто коло на последниот годинешен гренслем-турнир, Отвореното првенство на САД, ја совлада 11-тата тенисерка на ВТА ранг-листата, Петра Квитова.
Возњацки, која зеде пауза за да формира семејство и стана мајка, за два часа и десет минути игра со 7:5,7:6 ја совлада Квитова. Во следната рунда, Возњацки ќе игра против Американката Џенифер Брејди, која со 2-1 во сетови ја елиминира Магда Линет од Полска.
Примерот на Возњацки не го следеше уште една активна тенисерка која е мајка, Викторија Азаренка. Таа загуби од кинеската тенисерка Жу со 6:3,6:3 за 92 минути игра.
Кај мажите утринава се случија две големи изненадувања, минатогодинешниот финалист, Каспер Руд, е елиминиран од 67-миот тенисер на АТП ранг-листата Жижен Жанг од Кина. Жанг славеше во пет сета со 6:4,5:7,6:2,0:6,6:2.
Елиминиран е и Стефанос Циципас, кој одигра маратонски меч против Доминик Штрикер, но на крајот загуби со 7:5,6:7,6:7,7:6,6:3. По поразот, Циципас веднаш го отпушти тренерот Марк Филипусис.
Освен победата на Возњацки и елиминациите на Циципас и Руд, главна вест од комплексот „Флешинг медоуз“ е приказната за теренот број 17.
Пред неколку дена, грчката тенисерка Марија Сакари се пожали дека на теренот број 17 се чувствува мирис на марихуана, а потоа тоа го потврди и Александер Зверев.
„Се чувствува насекаде, целиот терен мириса на марихуана. Јас играв еден меч на теренот 17 и можам да кажам дека истиот мириса како дневната соба на Снуп Дог“, изјави Зверев.
Медиумите во САД се сомневаат дека миризбата доаѓа од паркот во Њујорк, кој се наоѓа во близина на терените на кои се игра гренслем-турнирот.