Еден од најдобрите европски кошаркари, Никола Миротиќ, даде интервју со кое ја разбранува јавноста во Шпанија, бидејќи кажа дека иако играл за шпанската репрезентација, никогаш не се чувствувал Шпанец.
Миротиќ е роден во Подгорица, Црна Гора, има српско потекло, а побожниот кошаркар во последните години често ја истакнува својата православна вера, посетува манастири и цркви во Србија и Црна Гора, додека за Шпанија играше „од интерес“.
„Не, навистина никогаш не сум се чувствувал Шпанец. Јас сум Црногорец, српски православец, иако играм за Шпанија. Шпанија е мој втор дом, таа земја беше добра кон мене, ми даде шанса, секогаш ќе им бидам благодарен“, рече Миротиќ кој со Црвената фурија освои едно Европско првенство, и бронзен медал на Олимписки игри.
Тој во минатото одбиваше да игра за Црна Гора, ја одбра Шпанија, а лани Миротиќ рече дека веќе не планира да игра за Шпанија.