Мисијата Лихтенштајн е завршена, следи Гибралтар за сигурно прво место (Видео)

Македонската фудбалска репрезентација го задржа лидерското место во групата од Лигата на нации, откако вечерва во Вадуз славеше со 2:0 против Лихтенштајн. Енис Барди и Илија Несторовски беа стрелци на погодоците во второто полувреме.

Барди постигна прекрасен гол од слободен удар во 53 минута. Погодокот на Барди може да го видите ТУКА. Победата беше потврдена во 92 минута кога по една добра акција, Несторовски остана буквално сам пред голот на противникот и без проблеми ја затресе мрежата.

Покрај двата гола, капитенот Горан Пандев ја погоди стативата во 70 минута, а добри шанси за погодок имаа и Несторовски и Хасани. Избраниците на селекторот Игор Ангеловски доминираа на теренот во Вадуз и заслужено го освоија трите бода. Македонија сега има 12 бодови во групата, каде Ерменија има 9 бодови, Гибралтар е со 6, а Лихтенштајн остана на три бода.

За три дена, Македонија во последното коло на арената „Филип Втори“ го пречекува Гибралтар, кој вечерва на свој терен загуби убедливо од Ерменија со 2:6 и на тој начин ги загуби сите шанси дека може да се надева за првото место. Македонија го победи Гибралтар на гости со 2:0 и сигурно нема да дозволи кикс во Скопје, кој би значел губење на певото место.

Со освојување на првото место во групата, „црвено-жолтите“ ќе се пласираат во баражот за пласман на Европското првенство во 2020 година.

- Оглас -

Најнови вести