Македонија успешно ја заврши фудбалската мисија на Малта и победи со 2:0 во меч од квалификациите за пласман на Европското првенство следната година во Германија. Со овие три бода, Македонија сега има вкупно 7 поени од пет меча и останува во трка за второто место во групата.
Нашите фудбалери брзо го скршија отпорот на домаќините. По една добра акција, Барди асистираше со Елмас, а играчот на Наполи со силен и прецизен шут ја погоди мрежата на Малта.
И по постигнатиот гол, Македонија играше сигурно, ја контролираше топката, а како награда за тоа дојде и вториот погодок. Барди повторно беше асистент, овојпат од корнер, а реализацијата беше за 22-годишниот дефанзивец Јован Манев, кој погоди со глава. На полувремето Македонија замина со водство од 2:0.
На почетокот на второто полувреме, домаќините се обидоа да притиснат и да постигат гол, но одбраната на Македонија беше сигурна. Во 68-мата минута имавме шанса да постигнеме и трет гол, но ударот на Алиоски заврши во стативата.
Во продолжение на мечот, нашите фудбалери ја пропуштија иницијативата на домаќините и успешно се одбранија за значајни три бода и продолжување на добрата традиција во дуелите со Малта и радост на навивачите кои беа на стадионот.