Големата трагедија во која загинаа светскиот рекордер во маратонско трчање, Келвин Киптум, и неговиот тренер, го потресе светот на спортот. Тој загина во сообраќајна несреќа на пат кон дома, а единствено преживеа девојката по име Шарон Чепкемои, која се возела со нив во автомобилот.
Според официјалната верзија на полицијата, Киптум изгубил контрола над возилото и удрил во дрво кое се наоѓало на 60 метри од патот, па останува чудно како маратонецот не успеал да го исконтролира автомобилот на таква дистанца.
Сомнежи има и кај неговиот татко, кој бара од полицијата да го истражи случајот и да открие што навистина се случило.
„Четворица луѓе дојдоа во нашиот дома и по моето инсистирање да се претстават, не сакаа и си заминаа. Беа четворица. Не знам кои се тие луѓе, но очекувам полицијата да дознае“, вели таткото на Киптум за случка која се случила само неколку дена пред несреќата.
Киптум загина само пет дена откако и официјално беше потврден неговиот светски рекорд на маратонот во Чикаго, а планот му бил да ја пробие магичната граница од два часа.
– „Видов на вести дека синот ми загинал, веднаш отидов на лице место, но неговото тело веќе го немаше таму. Келвин беше моето единствено дете, немам други деца. Неговата мајка се разболе, а мене ме остави во длабока жал.“ – очајно додава таткото на загинатиот маратонец.