Митев: Како семејство сме, сон и гордост е да се биде репрезентативец на Македонија

Младиот среден бек на РК Бутел, Марко Митев, на подготовките во Маврово ќе се обиде да се наметне кај селекторот Кирил Лазаров, и да обезбеди место меѓу патниците за Дебрецин кои ќе играат за Македонија на Европското првенство во јануари.

„Огромна чест и гордост е да се биде дел од најдоброто од ракометна Македонија. Сметам дека тоа го посакува, и кон тоа се стреми секој кој решил да му се посвети на ракометот. Да се биде дел од националниот тим и да се бранат боите на Македонија е исклучителна гордост и сон на секој спортист. Тоа што сум сега овде на 18 години ме прави да бидам не само горд Македонец туку претставува и мотив плус за уште повеќе да работам на себе, да учам од поискусните и секако да дадам се од себе да одговорам на задачите најдобро што можам“ – вели Митев.

„Ние овде сме како едно семејство. Напорно работиме и сите имаме иста цел – успех на репрезентацијата. Условите за работа во Маврово се фантастични. Ако се најдам на финалниот список на патници за ЕП за мене тоа ќе биде почеток на остварување на мојот животен сон – да го облечам националниот дрес и да ги бранам боите на Македонија на едно вакво првенство. Знам дека тоа воедно е и огромна одговорност, бидејќи да играш за Македонија значи да бидеш подготвен да ги претставиш својата земја и својот народ во најдобро светло, да се бориш за победа на тимот и да оставиш срце на терен“ – изјави Митев.

- Оглас -

Најнови вести