Женската кошаркарска репрезентација ја оствари првата победа во квалификациите за ЕП 2023 откако вчера со 68:66 беше подобра од БиХ. Освен што направија сефте во квалификациите за ЕП 2023, кошаркарките го прекинаа речиси десетгодишниот пост без победа во квалификациите.
Капитенот на репрезентацијата, Анџелика Митрашиновиќ, вели дека победата многу им значи на кошаркарките.
„Навистина во овој момент немам зборови за да ја изразам својата радост. Пресреќна сум, пред сè затоа што го оставивме срцето на теренот, и им докажавме на сите дека оваа репрезентација има квалитет и дека може да се носи и со репрезентации кои играат на светско ниво. Сакам да им честитам на сите девојки, за борбата и за фокусот што го имаа во сите 40 минути. Стручниот штаб веруваше во нас од самиот почеток и на крајот сето тоа се исплатеше со голема победа. Најмило ми е што оваа победа ја остваривме без странец во екипата и докажавме дека и ние Македонките имаме квалитет“, рече Митрашиновиќ.
Кошаркарските квалификациите за ЕП 2023 ќе ги завршат в недела, кога во Скопје играат против Белгија.