Митревски: Фаворити сме и размислуваме единствено за две победи

Македонската ракометна репрезентација влегува во завршната фаза пред клучните квалификациски натпревари против Естонија и Литванија, кои ќе одлучат дали Македонија ќе обезбеди пласман на Европското првенство во 2026 година.

Голманот Никола Митревски, еден од најискусните во составот, јасно ја изрази самодовербата на тимот.

„На двата меча сме фаворити. Мора да победиме, не сакаме да се занимаваме со калкулации. Верувам дека две победи ќе бидат доволни за ЕП, и покрај повредите што ги имаме во тимот“, истакна Митревски.

Фокусот е на првиот меч против Естонија, кој ќе се игра во четврток од 18 часот во Талин. Митревски потенцира дека противникот нема да биде воопшто лесен.

„Естонија загуби од Словенија и од Литванија, но покажа дека може да биде незгодна селекција. Сепак, имаме подобар состав, а сега и повеќе информации за нив“, дополни искусниот голман.

Македонија се надева дека со победа против Естонија и триумф дома против Литванија ќе биде меѓу најдобрите третопласирани селекции кои ќе добијат билет за ЕП 2026.

- Оглас -

Најнови вести