Митревски: Грците покажаа дека не се слаба репрезентација, имаме доволно време да ги поправиме грешките

Ракометната репрезентација на Македонија ја совлада Грција со 33:30 во првиот натпревар во 2024 година, кој воедно претставуваше и генерална подготовка пред настапот на ЕП бидејќи утрешниот меч со истиот противник ќе биде од затворен карактер.

Еден од најискусните репрезентативци, голманот Никола Митревски, е задоволен од играта и победата над Грција.

„Јас подоцна се приклучив на подготовките во Стара Пазова, напорно работевме, одигравме еден натпревар против Црна Гора и исто така игравме меѓу нас.
Денешниот натпревар го почнавме малку лошо, можеби во грч, но успеавме да се вратиме и одигравме солидни последни 10 минути од првото полувреме, кога го презедовме водството. Второто полувреме го започнавме одлично, направивме предност од 6-7 гола и имавме напад за поголемо водство, но Грците докажаа дека не се слаба репрезентација, дека имаат квалитетни играчи и не залудно ќе играат на ЕП. Тие убедливо ја победија една Словачка, а во најголем дел од мечот водеа и против Романија. Можеби малку сме уморни, но имаме доволно време да ги поправиме грешките“, вели Митревски.

- Оглас -

Најнови вести