Еден од најискусните поединци во македонскиот ракометен национален тим е капитенот Никола Митревски, кој во пресрет на дуелот со Швајцарија најавува дека нашата селекција ќе се обиде да победи и дека шансите ни се поголеми отколку со Франција и Германија.
„Поголем дел од Швајцарците играат во Бундеслигата, тоа е најквалитетната лига во светот, знаеме дека нема да биде лесно. Имавме еден ден да се спремиме, да промениме нешто, па ќе видиме како ќе биде. Средбата почнува од 0-0, веруваме во себе, имаме квалитет, можеме да се носиме со нив повеќе отколку со првите два противника. За нас голманите потешко е да браниме контри или полуконтри отколку поставени напади. Затоа ако нападот не функционира, ако ривалот трча контри и полуконтри, и нам ни е потешко. Мислам дека не беше толку лошо кога игравме 6 на 6 колку што беше лошо враќањето назад и неспрелување на контри и полуконтри“, вели Митревски.
Голманот на Порто вели дека не е сеедно со каков резултат ќе го завршиме настапот на ЕП 2024.
„Мечот има резултатско значење со оглед на баражот за Светско првенство. Сакаме да победиме. Во првите две кола квалитетот беше на страна на ривлите, не можевме да изненадиме. Утре ќе излеземе на терен со намера да победиме. Ќе играме, па ќе видиме дали тоа ќе биде доволно. Физички не сме толку уморни, порано повеќе сме се трошеле, сега по првиот меч имавме подолга пауза, физички ќе бидеме спремни, заморот нема да биде фактор“, додава Митревски.