Митревски: Не сме фаворити, но нашата цел е да стигнеме до главната фаза на ЕП

Еден од најискусните ракометни репрезентативци на Македонија, голманот Никола Митревки даде свое видување по вчерашната ждрепка која го откри ривалите на нашата селекција на следното Европско првенство. Македонија е во група заедно со Данска, Португалија и Романија, а Митревски вели дека против секој ривал, нашите ракометари ќе го дадат максимумот.

„Нема лесни групи и лесни противници кога се игра на Европско првенство. Се најдовме во групата со две од четирите репрезентации кои играа полуфинале на последното светско првенство. Данска, која повторно ќе е главен фаворит за златниот медал, како и Португалија која ќе сака да направи уште еден чекор напред. Тука е и репрезентацијата на Романија која доаѓа од четвртиот шешир, но е доста незгодна. Ќе играме со сите, ќе се обидеме да направиме што подобар резултат, иако не сме фаворити за првите две места, сепак сме покажале дека можеме да играме и да победуваме со кој било и треба да целиме на пласман во следната рунда“, вели Митревски, кој посебно добро го познава португалскиот ракомет, затоа што шест години настапуваше во оваа земја.

Македонија на ЕП 2026 ќе биде во данскиот град Хернинг. Во првото коло ќе играме против домаќинот Данска, а потоа следуваат дуелите против Португалија и Романија.

- Оглас -

Најнови вести