Ракометарите на Еурофарм Пелистер го одработија последниот тренинг пред првото гостување сезонава во Лигата на шампионите. Пред утрешниот пат за Париз и дуелот со ПСЖ, голманот Никола Митревски порачува дека ривалот е ракометен гигант.
„Каков било и да е ПСЖ, се работи за гигантот во спортот и во ракометот. Можеби имаат и најголем буџет во Лигата на шампионите оваа сезона. Ние се подготвуваме гледајќи на самите себе, имаме своја тактика. Подобро е кога се победува, се зголемува самодовербата на играчите, расте психолошкиот момент кај секој играч и добро е што ги победивме Вардар 1961 и Загреб и освоивме два бода во ЛШ. Одиме малку порастоварени на гостински терен во Париз“, вели Никола Митревски.
Шансите на Пелистер не се големи, но секако дека надежи за позитивен резултат постојат.
„Која било победа или бод освоен во гости добро ќе ни дојде. Не треба уште отсега да правиме калкулации, туку да мислиме натпревар по натпревар. Треба да ја играме својата игра, па што биде – нека биде“, истакна искусниот голман.