Анадолу ефес со минимални 88:86 славеше на гостувањето кај Барселона. Василие Мициќ беше фанстастичен за турските гости со 26 поени и беше незадржлив за моменталниот лидер во Евролигата, по што Барса го претрпе седмиот пораз сезонава.
Анадолу за малку од раце ќе ја испуштеше навидум сигурната победа, откако во последните две минута влезе во +10 поени предност, а неколку брзи тројки на домаќините приредија драма во самиот финиш. Каталонците со шутеви од далечина се обидуваа да изнудат пресврт, меѓутоа Мициќ и компанија не дозволија да им „лизне“ заслужената победа.
Драма имаше и во Валенсија, каде што Лилјаците по две продолженија го надиграа составот на ЦСКА Москва со минимални 105:103. Мајк Џејмс приреди симултанка со 37 поени, меѓутоа Армејците не го искористија шоуто на нивниот најдобар играч, па така по долга борба го претрпеа седмиот проаз сезонава, односно четврти во последните пет кола.
Победник не се издвои во регуларните 40 минути при резултат 84-84, во двете продолженија по пет минути битката беше крајно неизвесна, за на крај Калиниќ да го реши мечот со положување за конечни 105:103. Џејмс имаше шут за победа, меѓутоа промаши при последниот свиреж на сирената.
Препелиќ и Калиниќ со по 22 поени ја предводеа Валенсија.