Мизерно дерби: На Јунајтед и Сити поважно им беше да не примат гол, отколку да победат

Тотално разочарувачко дерби одиграа градските ривали Манчестер јунајтед и Манчестер сити при поделбата на бодовите во ремито без голови.

На „Олд трафорд“ се очекуваше фуриозен и интересен дуел, меѓутоа се случи сосема спротивното, по што може да се каже дека двата гиганти испуштија бодови, отколку што освоија по еден.

Една голема шанса се случи во финишот на првото полувреме кога Марез се најде во мат позиција да го совлада Де Хеа по проигрувањето на Де Бројне, меѓутоа Алжирецот шутираше директно во шпанскиот голман од непосредна близина, откако изгуби време во двоумење во кој агол да шутира.

Како посебна ситуација може да се издвои моментот кога ВАР-системот откажа пенал на домаќините. Рашфорд беше фаулиран во шестнаесетникот од страна на Вокер, меѓутоа претходно во акцијата офанзивецот на Јунајтед беше во недозволена позиција.

По 11 кола, Јунајтед стои на седмата позиција со 20 бода, додека Сити е осми со еден бод помалку.

- Оглас -

Најнови вести