Македонската кошаркарска федерација објави соопштение во кое објаснува кои се причините за побараната суспензија на Ненад Димитријевиќ. Дисциплинската комисија решаваше по пријавата на селекторот на младинската репрезентација, Никола Василев, до Светската кошаркарска федерација, ФИБА, а максималната казна која ФИБА може да ја изрече во ваков случај е 30 дена.
„Ставовите на МКФ и ФИБА за овој случај се различни, но МКФ е должна тие да ги почитува. Барањето за суспензија не беше поднесено со намера да се саботира развојот на кариерата на младиот играч, туку да се запознае целокупната јавност, кошаркарските работници и неговите колеги за неговиот однос кон националниот дрес – истиот национален дрес кој во изминатите години низ младинските категории му овозможи да напредува во кариерата. Гореспоменатиот играч наместо да ја искаже љубовта, моралот и желбата за настап во националниот дрес, тој во неколку наврати си поигрува со повиците на селекторите со тоа создавајќи незадоволство кај играчите и кај стручниот штаб. Такви односи кон националниот дрес и кон државата не се ниту позитивни ниту, пак, потребни во националните селекции во моменти кога МКФ прави напори за враќање на наши таленти кои немаат македонско државјанство, а имаат желба и копнеж да играат за Македонија“, велат во Федерацијата.
МКФ се надева дека во иднина нема да има случаи на одбивање на бранење на националните бои, и тоа треба да биде гордост, предизвик и нешто свето, а не обврска и товар.
Раководството на Федерацијата во целост ја поддржува пријавата на селекторот и го разбира неговото незадоволство од ненавременото и неоправданото откажување на играчот и воедно во целост ја поддржува самостојната одлука на Дисциплинската комисија.