-0.2 C
Skopje
среда, 17 декември 2025

Млад англиски фудбалер загина враќајќи се од натпревар

Светот на фудбалот го погоди нова трагична вест. Поранешниот млад фудбалер на Вулверхемптон и напаѓач на Маклсфилд, Итан Меклеод, почина на 21-годишна возраст. Меклеод го загуби животот во сообраќајна несреќа на автопат додека се враќал од натпревар на својот клуб.

Несреќата се случила доцна во вторникот навечер, откако Меклеод се враќал од гостувањето кај Бедфорд таун. Неговиот клуб Маклсфилд на тој натпревар славеше победа од 2-1, а младиот напаѓач беше на клупата за резерви.

Според информациите, неговиот автомобил удрил во заштитната ограда, а повредите, за жал, биле фатални. Меклеод му се приклучи на Маклсфилд минатото лето, по успешна проба, а претходно помина една деценија во академијата на премиерлигашот Вулверхемптон.

Неговиот сегашен клуб Маклсфилд ја потврди тажната вест со емотивно соопштение.
„Со најдлабоко жалење и чувство на неверување, клубот Маклсфилд може да ја потврди смртта на 21-годишниот напаѓач Итан Меклеод. Итан беше неверојатно талентиран и ценет член на нашата прва екипа, пред кого беше целиот живот.

Но, повеќе од сè, заразната личност на Итан го правеше омилен кај сите со кои доаѓаше во контакт. Веста за неговата смрт го скрши целиот наш клуб и ниту еден збор не може да ја опише огромната тага и загуба што ја чувствуваме во моментов. Почивај во мир, Итан – засекогаш ќе бидеш Силкмен.“

Се огласија и од Вулверхемптон, клубот во кој Меклеод помина голем дел од својата младост.

„Скршени сме од болка поради трагичната смрт на Итан Меклеод на 21-годишна возраст. Ги испраќаме нашите мисли и љубов до семејството на Итан, пријателите и сите во Маклсфилд“, порачаа од Вулверхемптон, додавајќи дека ќе ја обезбедат сета потребна поддршка за неговото семејство, вклучително и за помладиот брат Конор, кој е член на нивната екипа до 21 година.

Вулверхемптон потврди дека пред саботниот премиерлигашки натпревар против Брентфорд на стадионот „Молинју“ ќе се одржи минута молк во чест на Меклеод. Во меѓувреме, сè уште не е познато дали Маклсфилд ќе го одигра саботниот натпревар против Алфретон таун.

- Оглас -

Најнови вести