Селекторот на машката сениорска ракометна репрезентација на Македонија, Кирил Лазаров, денеска го објави поширокиот список од 35-мина ракометари кандидати за настап на Европското првенство во јануари во Германија.
На поширокиот список на Лазаров има и едно непознато име за пошироката македонска јавност, тоа е Николас Најденовски, ракометар роден во 2006 година. Најденовски е нашинец кој живее во Шведска и игра за младинците на клубот Луги.
Се чека одлука на ЕХФ да му дозволи да игра за Македонија. Николас во минатото бил шведски репрезентативец во младите категории и речиси е сигурно дека нема да патува на ЕП во Германија, но дадено му е до знаење дека Македонија смета на него во иднина и тој наскоро ќе заигра за некоја од младинските селекции на нашата земја.
Македонската репрезентација настапот на ЕП го почнува на 10 јануари против Франција, на стадионот во Дизелдорф.