Младинците ги започнаа подготовките, Величковски: „Ќе го дадеме најдоброто за Македонија“

Репрезентацијата на Македонија до 21 година денеска пристигна во Белек, Анталија каде што во наредниот период ќе одржи подготовки под водство на новиот селектор Горан Станиќ.

Во склоп на овие подготовки во Анталија, нашата млада репрезентација ќе одигра и два тест-меча против Белорусија и Азербејџан.

Првиот контролен натпревар со Белорусија го играме на 21 март со почеток во 16 часот. На 25 март со почеток од 18 часот играме со Азербејџан.

Напаѓачот на Септември Софија и член на нашата репрезентација до 21 година, Никола Величковски, даде свое видување и коментар за претстојните предизвици што ги очекуваат нашите фудбалери.

„Денеска го одработивме првиот заеднички тренинг. Сакаме гордо и достоинствено да ја претставиме нашата земја. Сите сме подготвени да го дадеме максимумот и да го оставиме срцето на терен за дресот со државен грб. Оваа репрезентација поседува квалитет, голем дел од играчите што се моментално во Анталија на подготовки беа во репрезентацијата до 19 години, која пред година дена успеа да оствари  голем успех со пласманот во Елитната рунда на квалификации за ЕП. Огромна чест и задоволство е да играш и да ги браниш боите на нашата држава. Имаме одличен селектор и стручен штаб кои поседуваат исклучително големо искуство и знаење кое нас може да ни донесе големи бенефиции. На секој натпревар ќе влеземе максимално ангажирано и дисциплинирано. Мораме да бидеме комплетно фокусирани на тренинзите и самите натпревари. Имаме одлична атмосфера, добро се познаваме меѓусебно и посакуваме успех. Имаме тешка квалификациска група во која ќе се соочиме со репрезентации кои се на самиот врв на Европскиот фудбал. Максимално сме мотивирани, можеме и сакаме да се натпреваруваме и да се надигруваме со секоја репрезентација. Поседуваме квалитет и силен карактер, сигурен сум дека тоа ќе го докажеме на теренот. Во овие тешки моменти за нашата држава сакам да изразам големо сочуство на семејствата на загинатите го големата трагедија“, рече Величковски.

Нашата млада репрезентација денеска во 18 часот официјално го одработи првиот тренинг и ги стартуваше подготовките во Анталија.

ПОВРЗАНИ ВЕСТИ

ОСТАВИ КОМЕНТАР

Внесете го вашиот коментар!
Внесете го вашето име тука

- Оглас -

Најнови вести