Младинците ја презгазија Бугарија на ЕП во Скопје

Младинската репрезентација на Македонија со 20 години ѝ нанесе катастрофален пораз на Бугарија од 83:54 во третото коло од групата А на младинското Европско првенство Б-дивизија, кое се игра во Скопје.

Ова е втора победа за Македонија на ЕП. По поразот од Чешка на стартот, избраниците на селекторот Никола Василев остварија две победи, над Словачка и денеска против Бугарија. Бугарија, пак, го доживеа првиот пораз на ЕП.

Бугарите беа конкурентни само во првата четвртина, која ја добија со 15:18, а потоа на паркетот во СРЦ „Кале“ доминираа Црвено-жолтите. Прво успеаја да израмнат, а потоа и да поведат и водството не го испуштија до крајот на мечот.

На пауза се замина со седум поени предност за Македонија (40:33), а во вториот дел избраниците на селекторот Василев ги демолираа Бугарите. Третата четвртина ја добија со 24:12 и во последните десет минути влегоа со предност од 19 поени (64:45). Последната четвртина започна со серија 7:0 на Македонија и едиствена непознаница беше со колкава разлика ќе биде изразена победата. На крајот Македонија славеше со убедливи 83:54.

Теодор Симиќ со 21 поен и осум скока и Андреј Митревски со 19 поени беа најдобри кај Македонија.

Следниот меч младинците ќе го играат утре, и тоа против врсниците од Ирска.

- Оглас -

Најнови вести