25.8 C
Skopje
четврток, 17 јули 2025

Младинците наместо во четвртфинале, ќе разигруваат за пласман од 17-тото до 21-вото место

Во последниот меч од првата, групна фаза на Европското првенство од Дивизијата „Б“ во Ереван, машката младинска репрезентација на Македонија загуби од Данска со 89-85, и не успеа да се пласира во четвртфиналето, фаза преку која се стигнува до местата кои водат во „А“ дивизијата.

Максимално изедначена прва, но и втора четвртина во дуелот кој одлучуваше која од двете селекции со победа ќе ги сочува шансите за премин во четвртфиналната фаза од шампионатот во Ереван.

Сепак, важноста на натпреварот не беше пречка двете селекции да одиграат доста ефикасно во првите десет минути во кои минималната предност имаше Данска 26:25.

Двата ривали разменија доста промени на водството, но сепак, ниту еден од нив не направи и некоја посериозна разлика во 20-те минути од играта.

По две „четворки“ на двете страни, стоеја на семафорот по две одиграни четвртини 44:44.

Период во кој нашиот капитен, Луканоски, освен 13 поени имаше и три скока, девет даде Иванов, еден поен помалку имаше Стојковиќ, а Ќириловски уште седум.

Нерешено, 57:57, беше и откако поентираше Ќириловски, момент од 27-мата минута, со што ја анулиравме предноста на противникот 52:57, која претходно беше и повисока 55:48.

Данците одново поведоа, сега со 63:59, за на крајот на тој трет период, да бидат слични, 66:63.

Се обидуваа нашите млади кошаркари да направат пресврт, но не успеаја во сите тие настојувања, со победа да го завршат првиот дел од Европското првенство во Ерменија.

По поените на Младеновски, негов 15-ти на средбата, Македонија намали на само еден посед заостанување, 83:85, кога останаа 47 секунди до крајот на играта. Младеновски ги реализираше и двете слободни фрлања, кога го остави нашиот тим во игра за победа, 85:87, иако останаа само 23 секунди за играње.

Нилсен беше половичен од линијата за слободни фрлања за 88:85, а токму Младеновски, на пет секунди до крајот не погоди за изедначување, и натпреварот да „оди“ во продолжение од пет минути.

Нашиот бек застана на бројката од 17 поени, пет асистенции и четири скока, Луканоски беше најефикасниот наш играч, даде 21 поени, имаше и седум скока, додека по 11 поени запишаа Ќириловски, Иванов и Стојковиќ, кој имаше и 10 скока.

Данска се покажа како доста жилав противник, максимално незгоден, на крајот и стигна до победата, за нив трета во групата „Ц“.

Македонија остана на две, и со оглед на далеку од идеалниот расплет, во последното, петто коло, во оној втор дел од шампионатот, избраниците на селекторот Горан Самарциев, помалку и незаслужено, ќе се борат за пласман од 17-тото до 21-вото место во крајниот поредок.

- Оглас -

Најнови вести