Дуелот меѓу македонската фудбалска репрезентација за играчи до 21 година против Казахстан ќе се одигра денеска, во 14.30 часот на тренинг-центарот „Петар Милошевски“ во Скопје. На нашите таленти им треба поддршка, ја заслужуваат.
Тимот на селекторот Благоја Милевски ги доби мечевите со Фарски Острови (7-1) дома и на гости со Црна Гора (2-1), па води во групата од квалификациите за Европското првенство 2021 година.
Милан Ристовски смета дека овој натпревар против Казахстан ќе биде различен од претходните. И Казахстанците славеа на гости кај Црна Гора со 2-1, нивните 6 бода ги освоија како гости, додека дома губеа од Шпанија и Израел. Но, нашите се убедени дека со правилен пристап, може да се издвојува нова победа во групата.
„Против Црна Гора остваривме значајна победа, иако натпреварот воопшто не беше лесен. Сепак, и покрај некои наши грешки и недостатоци во играта за кои зборувавме и работевме со селекторот и стручниот штаб, успеавме да победиме и да го добиеме посакуваниот резултат. Натпреварот со Казахстан ќе биде сосема поразличен. Противникот е квалитетен, физички се силни, но сметам дека со правилен пристап, можеме да дојдеме до нови три бода. Не се сомневам дека заеднички повторно ќе дадеме сѐ од себе и на крајот ќе се радуваме“, изјави Ристовски.