Селекторот на машката кошаркарска репрезентација, Марјан Илиевски, одлучи за вечерашниот меч со Унгарија од 19 часот во СРЦ Кале во составот да го стави младиот центар Марко Луканоски.
Ова е последен натпревар од претквалификациите за пласман на СП 2027 година во Катар.
Селекторот ќе му даде шанса на младиот центар, кој е составен дел од тимот од самиот почеток на овој репрезентативен циклус. Луканоски беше најдобриот наш играч на Европското првенство од Б дивизија за кошаркари до 20 години кое ова лето се играше во Ереван и за првпат во својата кариера ќе биде во конкуренција за најдобрата селекција.
Поради повреда, надвор од тимот се повредените Адем Мекиќ и Марко Миловановиќ, а ќе го нема ни Тома Стојаноски, кој ќе бара шанса во некој од наредните репрезентативни циклуси.