По три порази во серија во квалификациите за Европското првенство, кое во 2025 година ќе се одржи во Словачка, младата репрезентација за фудбалери до 21 година успеа да извлече поволен резултат од пријателскиот меч со Австрија на гости.
Дуелот заврши без голови, 0-0, но нашите млади фудбалери иако беа инфериорни во текот на целиот натпревар, сепак успеаја да ја сочуваат сопствената мрежа. Поседот на топката од 70% наспроти 30% во корист на Австрија доволно говори за случувањата на теренот. Домашните упатија дури 18 удари, од кои осум одеа директно во рамките на нашиот гол. Македонија во текот на целиот натпревар не шутнаа ниту еднаш кон противничкиот гол.
Откако младата репрезентација предводена од Драги Канатларовски имаше успешен старт на квалификациите и ја победи Шведска на гости со 0-1, следуваа три порази. Дома загубивме од Холандија и Грузија, додека на гостински терен нè порази Молдавија. Пријателскиот меч со Австрија беше и последната активност на репрезентацијата до 21 година за оваа календарска година.