Дарко Чурлинов блескаше со два гола и асистенција, а заедно со соиграчите од младата репрезентација на Македонија до 21 година го декласираа Казахстан во Алмати со 4:1 и испратија моќна порака за сениорите пред историскиот меч вечерва од 20.45 часот против Косово.
Увертирата на избраниците на Благоја Милевски беше одлична, а мечот во Казахстан исклучително возбудлив со пет гола, два промашени пенали и хепиенд за Македонија.
Победата од 4:1 не прави фаворити за второто место во групата на три меча до крајот, а ни остави и надеж дека можеме до подвиг и пробив меѓу петте второпласирани селекции, кои заедно со деветте победници во сите групи ќе играат на Европското првенство идната година.
Дарко Чурлинов блескаше и со гол во 38. минута ни донесе предност во Алмати и најави сигурна победа на Македонија, против еден од двата конкуренти, заедно со Израел во битката за второто место во нашата група.
Веднаш потоа за само 180 секунди Јани Атанасов промаши пенал, но погоди од одбиената топка и веќе водевме со 2:0. Кога Чурлинов повторно со нов погодок во 48. минута зголеми на 3:0 за Македонија се чинеше дека лесно ќе отпловиме до важна победа.
Но, Казахстанците се заканија со гол на Омиртаев во 52. минута, а сериозна стана ситуацијата само две минути подоцна, кога беше досуден пенал и за домаќините.
За среќа Шушеначев не успеа да го совлада Јанков, а потоа беше исклучен и стрелецот на голот за Казахстан, па Македонија веќе беше на прагот на победа.
Со гол во 67. минута ја запечати Димитар Митровски на асистенција на Чурлинов и сега Македонија е голем фаворит за второто место со 13 бода, три повеќе и меч помалку од Казахстан и пет бода повеќе од Израел.
Пред нас е само Шпанија со 16 бода од шест натпревари.