Македонската ракометна репрезентација до 21 година конечно ја запиша својата прва победа на Светското младинско првенство во Полска, и тоа на импресивен начин, со убедливи 41-21 над селекцијата на Мексико.
Од стартот избраниците на селекторот Раде Стојановиќ доминираа на теренот и јасно покажаа кој е подобриот тим. Само по 30 минути игра, Македонија веќе имаше комфорна предност од 21-9, а второто полувреме мина во сигурна контрола и рутинско довршување на работата.
На моменти македонските ракометари имаа и предност од 16 гола, што најдобро ја одразува разликата во квалитет меѓу двата тима.
Најефикасен во нашите редови беше Дамјан Субашевски со 12 гола, Димитар Узунчев постигна 10, а Ненад Белистојаноски имаше перфектен ефект со 7 голови од исто толку обиди.
Со овој триумф Македонија го осигури третото место во групата од Президент купот, а во следната фаза најверојатно ќе се соочи со селекцијата на Бразил во борбата за пласман од 25-тата до 28-мата позиција.