Селекцијата на Египет уште еднаш ја потврди фаворитската улога откако на гостински терен славеше со 2:0 против Етиопија. Ова беше меч од 5. коло во квалификациите за пласман на Светското првенство во 2026 година.
Африканскиот гигант Египет е лидер во квалификациската група и има 13 од можните 15 бодови. Втора на листата е Буркина Фасо со осум бодови, колку што има и Сиера Леоне, а Гвинеја Бисау е со шест бодови, Етиопија со три, додека последен е Џубути со само еден бод.
Мохамед Салах е лидерот на селекцијата на Египет. Ѕвездата на Ливерпул прво постигна гол, а потоа и асистираше за погодокот на Зизо, па Египет уште во првото полувреме стигна до комотна предност од 2:0 против Етиопија. До крајот на дуелот, Египет го задржа водството и победи.
Салах блеска во квалификациите за СП и во досегашните пет средби има неверојатен биланс од шест голови и три асистенции. Едноставно потврдува дека е вистински фудбалски фараон.
До крајот на квалификациите во Африка има уште пет кола, а само чудо треба да се случи за Египет да извиси и да не биде дел од светската елита.