Најдобриот хрватски фудбалер, Лука Модриќ, во интервју за „Спортске новости“, откри зошто му побарал дрес на Килијан Мбапе на полувремето од мечот Франција – Хрватска.
Камерите го снимија Лука како му бара дрес на Мбапе, и тоа на неколку дена откако Французинот одби да прејде во Реал Мадрид и потпиша нов договор со ПСЖ. Некои шпански новинари го обвинија Модриќ за „предавство“ на Реал.
„Не си разменив дрес со Мбапе, имам негови дресови, сме си менувале во минатото, немав потреба од нов. Стануваше збор за исполнување на желба на едно дете. Домагој Вида ме замоли да побарам дрес од Мбапе, бидејќи син му го обожува. Претпоставуваше дека ако тој го праша, Мбапе не би му дал дрес, а мене не би ме одбил. Тоа го направив за синот на Вида“ – вели Модриќ.