Модриќ е легенда и не смее да си замине од Реал со горчина во срцето

Лука Модриќ, кој дури 11 години го носи дресот на Реал Мадрид, е еден од најзаслужните за петте триумфи во Лигата на шампионите во последната деценија, а сезонава е во немилост кај тренерот Карло Анчелоти и постои голема можност во зимскиот преоден рок да си замине.

Модриќ сезонава одигра само 287 минути на седум меча бидејќи Анчелоти по наредба на претседателот Флорентино Перес, шанса сезонава им дава на помладите фудбалери.

Шпанските медиуми пишуваат дека Модриќ заслужува многу поголем респект, а згора на тоа потсетуваат и дека во летниот преоден рок одби да се пресели во Саудиска Арабија.

„Не смееме да се однесуваме исто кон сите. Легенда на Реал Мадрид која ги инспирира другите не би требало да има идентичен третман како нов играч во клубот. Карло Анчелоти има тешка задача, да се грижи за Модриќ. Не познавам ниту еден човек во Реал Мадрид кому не му се допаѓа генијалецот од Хрватска и кој сака да го види како пати на клупата. Најдобар начин да му ја вратите насмевката на лицето е да го вратите во првиот тим, но сите знаеме дека тој не може да биде дел од првата постава на секој натпревар. Сите се свесни дека тој со 38 години не може да го издржи ритамот да игра на секои три дена, но страшно е што на последните два меча не одигра ниту една минута. Не го знам решението, но им верувам на тренерот и на играчот бидејќи не сакам да го видам Модриќ како на зима на мала врата си оди во Интер Мајами, и тоа со горчина во срцето“, напиша новинарот на „Ас“, Фредерик Ермел.

- Оглас -

Најнови вести