Реал Мадрид е единствен тим во Топ 5 лигите кој има перфектен биланс во домашното првенство и во Лигата на шампионите. Едноставно, Кралскиот клуб ги „меле“ ривалите, а секако дека еден од најзаслужните за тоа е Лука Модриќ.
Некогашниот освојувач на Златната топка е „моторот“ на екипата иако веќе има 37 години. Токму на синоќешниот дуел против Лајпциг, Модриќ направи подвиг кој во Реал не е виден од далечната 1965 година. Капитенот на хрватската репрезентација стана првиот играч по Ференц Пушкаш кој заиграл за Реал во меч од елитното натпреварување на УЕФА откако наполнил 37 години.
Претходно тоа му успеало само на легендарниот Пушкаш, кој во ноември 1965 година, во меч против Килманрок во Купот на шампионите играше со 38 години и 229 дена.
Модриќ против Лајпциг одигра 81 минута, а кога излезе од теренот, беше испратен со овации од „Сантијаго Бернабеу“. Реал победи со 2:0.