Лука Модриќ уште еднаш потврди дека е вистински лидер во репрезентацијата на Хрватска. Капитенот на Коцкестите е најзаслужен за победата против Полска, откако успеа да даде фантастичен погодок од слободен удар. Токму тој погодок беше и единствен на мечот, па Хрватска на крајот се радуваше со 1:0.
Модриќ кој одигра 180 натпревари во дресот на националниот тим, денеска полни 39 години, а уште не планира да се повлече. Тој вели дека уште го има истиот мотив и желба за докажување, што е вистинска реткост за играчи на негова возраст.
„Многу важни три бода. Моравме да победиме, за да ја вратиме самодовербата. Имавме четири меча без триумф и ова беше многу важен дуел. Мора да бидеме задоволни. Среќен сум што по подолго време дадов гол од слободен удар. Горд сум и на тоа што стигнав до 180 меча во репрезентативниот дрес. Кога прв пат заиграв за Хрватска, ми се исполни сонот, а ова сега е…Среќен сум што уште можам да помогнам на тимот да победува. Не знам до кога ќе играм. Одиме меч по меч. Кога ќе снема жар во мене, нема да треба никој да ми каже. Сам ќе си заминам. А до тогаш ќе бидам тука“, рече Модриќ.