Лука Модриќ вчера го прослави 37-миот роденден, а хрватскиот репрезентативец иако веќе се сместува меѓу ветераните во фудбалот, тој уште е незадржлив на теренот. Токму Модриќ беше еден од најзаслужните што Реал Мадрид во 2022 година се радуваше на титула во шпанското првенство, а ја освои и Лигата на шампиони.
И оваа сезона Модриќ е главен на средината на теренот во Реал и од неговата игра во многу нешта зависи и тоа дали Кралевите на крајот ќе се радуваат или ќе киксираат. Запрашан за тоа како успева толку години да биде во врвот на светскиот фудбал, Модриќ открива колку е едноставно тоа за него.
„Секогаш ме прашуваат која е мојата тајна, но не знам што да им кажам. Живеам за фудбалот речиси 24 часа на ден, тоа е многу важно. Обожавам да го работам тоа и уживам во својата професија и тоа повеќе од било кога претходно затоа што знам дека сум во комплицирани години за еден фудбалер. Никогаш не знаете колку долго може да траете на ова ниво во клуб како Реал Мадрид, каде обврските се огромни. се обидувам да уживам на тренинзите и на мечевите. Сето тоа ми помага да се чувствувам добро во овие години“, вели Модриќ.
Иако веќе 20 години е дел од професионалниот фудбал, Модриќ открива дека секој ден стигнува еден час и 15 минути порано во клупската база.
„Доручкувам во клубот. Потоа работам со физиотерапевтот во вежбална за да можам на тренинг да дојдам загреан. Потоа го одработувам тренингот, а потоа во зависност од тоа како се чувствувам може повторно да работам со физиотерапевтот. Го правам сето тоа што е потребно“, додава феноменалниот Модриќ.