26.8 C
Skopje
понеделник, 11 август 2025

Модриќ: Сѐ уште имам страст за фудбалот, а Милан е мојот омилен тим од детството

Лука Модриќ, кој освои сѐ што може со Реал Мадрид, вклучувајќи шест трофеи од Лигата на шампионите, одлучи наместо да оди на лесен пат и да заработи големи пари во САД или Саудиска Арабија, да прифати нов предизвик во Серија А и да потпише со својот омилен клуб од детството, Милан.

„Сѐ уште сакам да играм на највисоко ниво. Фудбалот ми е страст и имам мотивација за она што го работам. Можеби можев да изберам полесен пат и да одам во некоја друга лига, но тоа не би бил јас. Сакам да се натпреварувам на највисоко ниво додека можам, а кога ќе почувствувам дека тоа не е возможно, ќе завршам. Но, сѐ уште се чувствувам одлично“, рече Модриќ во интервју за „ДАЗН“.

„Целта ми е да продолжам да го правам тоа што сум го правел цела кариера – да играм фудбал, да го пренесам моето искуство, победничкиот менталитет и да бидам поддршка за соиграчите во секој аспект“, додаде 38-годишниот хрватски фудбалер.

Модриќ објасни дека главната причина за изборот на Милан е големината и традицијата на клубот.


„Милан е еден од најголемите клубови во светот. Во моите детски години беше многу популарен, особено во Хрватска. Јас пораснав гледајќи италијански фудбал, а Милан ми беше омилен тим, особено поради Звонимир Бобан, кој ми беше идол како дете. Пред да потпишам разговарав со Карло Анчелоти, кој ми зборуваше само убави работи за Милан. Го знаев тоа, но кога некој како Карло, кој бил и играч и тренер тука, ти го каже тоа, добиваш уште појасна слика за клубот“, истакна Модриќ.

- Оглас -

Најнови вести