Пред четири години Лука Модриќ беше прогласен за најдобар фудбалер на Светското првенство во Русија, кога Хрватска играше во големото финале против Франција. Сега, Модриќ повторно е лидер на Коцкестите на Мундијалот во Катар, каде балканската селекција е дел од четвртфиналето.
Петкратниот светски првак Бразил е следен ривал на Хрватска, а Модриќ вели дека нема предавање.
„Направивме голема работа со пласманот во четвртфиналето, но сакаме да одиме уште напред. Пред нас е можеби најтешиот меч на турнирот. По прикажаната игра, Бразилците се меѓу фаворитите. Мора да го дадеме максимумот, како што тоа го правевме досега. Не се задоволуваме со пласманот во четвртфиналето. Имаме сила и верувам дека тоа ќе го покажеме на теренот“, вели Модриќ, кој сепак е реален и знае дека Хрватска досега нема ниту една победа над Бразил.
„Се надевам дека конечно ќе се промени таа традиција и дека конечно ќе се радуваме против нив. Бразил на секоја позиција има феноменални играчи и не смееме да дозволиме да се разиграат. Ќе мора да бидеме агресивни и цврсти и во моментите кога ја немаме топката во нашите нозе“, додава Модриќ.