Мојсов: ФФМ да ги направи фудбалските терени барем за играње натпревари како што му доликува за едно првенство

Некогашниот македонски репрезентативец Даниел Мојсов, кој речиси 20 години е активен на фудбалскиот терен, реши јавно преку социјалните мрежи да упати порака до претседателот на ФФМ, Мухамед Сејдини, истакнувајќи дека главната болка на македонскиот фудбал е лошата инфраструктура и очајните терени на кои се играат натпреварите од Првата лига.

Мојсов својот пост го напиша по комплетирањето на првото коло од новата сезона во макфудбалот.

„Почитуван претседателе, благодарам за вашите зборови за новата сезона 2024/25. Првпат пишувам за овој проблем, но мислам дека крајно време е да се реагира. ФФМ да ги направи фудбалските терени барем за играње натпревари како што доликува за едно првенство, но и да се одржуваат, што е најбитната работа по поставувањето и правењето терен. Мое мислење е дека досега откако имаше направено терени, не се знаеше доволно да се одржуваат. Мислам дека ФФМ треба да ги преземе под своја контрола терените и да ги одржува како што му доликува да биде еден фудбалски терен! Само еден или два фудбалски терени преку целата година се на едно добро ниво, а другите сѐ повеќе наликуваат на сѐ освен на фудбалскиот терен! Ова денес освен теренот во Струмица, сѐ друго не личеше на терен! Ова го пишувам со една добра намера за да има напредок во фудбалот во нашата држава“, напиша Даниел Мојсов на социјалните мрежи.

ФФМ во изминатиот период реновираше неколку терени на стадионите ширум Македонија, но нивното одржување не беше на потребното ниво.

- Оглас -

Најнови вести