Мојсовски: Женскиот ракомет има светла иднина, чест ми е што успехот го направи мојот прв селектор

Агенцијата за млади и спорт организира прием за ракометните кадетки кои го освоија првото место на ЕХФ шампионатот во Клаипеда, Литванија, и ѝ донесоа радост на целокупната ракометна публика враќајќи ја вербата дека женскиот ракомет во Македонија сепак има светска иднина.

„Голема чест ми претставува фактот дека мојот прв селектор денес е кај нас заедно со ракометарките кои го направија овој огромен успех за македонскиот ракомет“, изјави директорот на АМС, Наумче Мојсовски.

Тој додаде дека ова остварување дава сигнал дека македонскиот ракомет има светла иднина и дека овие девојки ќе имаат можност да докажат дека сме ракометна нација.

На приемот свое излагање имаше и селекторот Љубомир Савески, кој се заблагодари за укажаната можност да го искаже задоволството од беспрекорната игра на кадетките.

„Можност да се вратат од негатива од 5 и повеќе голови, особено во натпревар со една велесила како што е Шпанија, е показател за величината на оваа генерација, како на физички, така и на ментален план“, изјави Савески.

Свои импресии од шампионатот искажаа и двете претставнички од репрезентацијата Ива Младеновска и Бојана Коцева, задоволни од пласманот и условите кои Федерацијата ги обезбеди како за време на подготвителниот период така и за време на шампионатот.

- Оглас -

Најнови вести