Македонија ја тресе мундијалска грозница, а до првиот бараж-меч со Италија во Палермо на 24 март има уште една седмица.
Фудбалските репрезентативци ќе бијат голема битка со четирикратниот светски првак и актуелен европски шампион, Италија, на „Ренцо Барбера“, а веќе во ек се и последните подготовки на навивачите за гостувањето во Сицилија.
Никогаш не сме играле на Светско првенство, а и сега патот е трнлив со два последни чекори, едниот во Италија на 24 март и потоа повторно на гости, кај Португалците во Порто или кај Турците во Коња, на 29 март за светски подвиг и настап во Катар на Светското првенство во ноември и декември.
На „Ренцо Барбера“ ќе има помалку од 2.000 македонски навивачи, но очекуваме често да се слуша и нивниот глас како поддршка за Барди, Чурлинов, браќата Ристовски, Адеми и за сите наши репрезентативци што нè израдуваа со два настапи на Европски првенства, најпрво на младинското во Полска во 2017 година и лани на сениорското, што ни се први две учества на големите првенства.