Молде со гол во 112-тата минута ја сруши бајката на шампионот од Фарски Острови

Дури по 120 минути игра, норвешкиот првак Молде успеа да стави крај на најубавата фудбалска бајка ова лето во европските натпреварувања создадена од тимот на Ки Клаксвик од Фарски Острови. Молде се пласира во плејофот за пласман во Лигата на шампионите откако победи со 2:0 и на тој начин ја анулира предноста на противникот од 2:1 по првиот меч.

Кристијан Ериксен со гол во 17-тата минута му донесе предност на Молде од 1:0 и во тој момент вкупниот резултат беше израмнет на 2:2. До крајот на 90-те минути немаше погодоци, па мораа да се играат дополнителни 30 минути. Клучниот момент се случи во 112-тата минута, кога Мартин Линес погоди за 2:0 за Молде и на тој начин норвешкиот тим стигна до вкупни 3:2 по двата меча и пласман во плејофот.

Екипата на Ки Клаксвик, во која играат полупрофесионалци кои добиваат плата по 2.000 евра, сега ќе продолжи во плејофот за пласман во Лигата на Европа и со сигурност ќе игра во групна фаза од европските натпреварувања.

Место во плејофот обезбедија и полскиот Раков и Макаби Хаифа. Раков со 1:0 победи на гости кај Арис за вкупни 3:1 по двата меча, додека Макаби Хаифа на свој терен се радуваше со 3:1 над Слован Братислава и оди понатаму со вкупни 5:2.

ПОВРЗАНИ ВЕСТИ

- Оглас -

Најнови вести