Молк во „Магичната кутија“, Алкарас одбраната на титулата во Мадрид ја заврши во четвртфиналето

Рускиот тенисер Андреј Рубљов обезбеди пласман во полуфиналето на турнирот од серијата Мастерс 1000 кој се игра во Мадрид, откако во четвртфиналето го победи шампионот од минатата година Карлос Алкарас со 2-1 во сетови.

Рубљов за 121 минута игра и со пресврт ја замолкна „Магичната кутија“ славејќи со 4:6,6:3,6:2 над Алкарас и ја оствари првата победа над еден од тројца најдобри тенисери на АТП ранг-листата од 2022 година. Русинот во полуфиналето ќе игра со подобриот од дуелот меѓу Фриц и Серундоло.

Алкарас првиот сет го реши во своја корист благодарение на единствениот брејк кој го направи во петтиот гем.

Рубљов се врати во вториот сет, ги пропушти првите четири брејк топки, но не и петтата. Во шестиот гем можеше да направи уште еден брејк, но не ги реализира трите шанси, но ја задржа предноста до крајот и успеа да израмни на 1-1 во сетови.

Одлучувачкиот сет траеше најкратко, 36 минути и во него Рубљов двапати го одзеде сервисот на Шпанецот. Првиот брејк го направи уште во првиот гем, а дилемите околу победникот ги разреши во петтиот гем кога повторно го одзеде сервисот на Алкарас и поведе со 4-1 во гемови и без проблеми ја зачува предноста до крајот.

- Оглас -

Најнови вести