Во дербито од 25-тото коло на француската Лига 1, одиграно на „Паркот на принцовите“, Монако како гостин славеше убедлива победа над Пари Сен Жермен со 1-3.
Ова беше четврти пораз на лидерот на табелата, кој остана со 57 освоени бодови, додека Кнезовите стигнаа до дванаесеттата победа сезонава и се пробија на петтото место со 40 поени. Исто така, ова е втора победа на Монако над ПСЖ во домашниот шампионат сезонава.
Водечкиот гол за Монако го постигна Аклуш во 27-тата минута. Зеир-Емери го загуби поседот во својот шеснаесетник, топката стигна до Аклуш, кој од околу шест метри, откосо од десната страна, ја смести топката во мрежата на голманот Сафонов за 0-1.
Во 55-тата минута, Бамба од десната страна испрати топка на околу 12 метри пред голот на домаќините, каде беше Головин, кој иако се лизна, успеа со удар со левата нога да ја затресе мрежата за 0-2.
Надеж за домаќинот врати Бредли Баркола во 70-та минута со прецизен удар искосо од левата страна во блискиот агол за 1-2. Но таа надеж траеше само три минути, бидејќи Балогун повторно ја зголеми предноста на Монако и го постави конечниот резултат на пресметката, 1-3. Голот на Балогун беше вистински „еврогол“ од околу дваесетина метри.

