Монако ја победи Ница, па ПСЖ ќе почека за прослава на новата титула

Фудбалерите на Монако стигнаа до победа од 2-1 против Ница на домашен терен, во дербито од 27-то коло на француската Лига 1.

Овој дуел меѓу двата тима од Азурниот брег беше со големо внимание следен низ цела Франција, бидејќи евентуално реми ќе му овозможеше на Пари Сен Жермен уште вечерва математички да ја обезбеди 13-тата титула во домашното првенство, четврта по ред.


Сепак, Монако победи и се проби на второто место со 50 бодови, 21 помалку од ПСЖ.

Титулата за Светците секако не е доведена во прашање и најверојатно ќе биде официјално потврдена на 5-ти април, кога тимот на Луис Енрике ќе го пречека Анже.

Ница поведе во 41-та минута со голот на Жереми Бога, откако претходно Мика Бирет во петтата минута промаши пенал за Монако. Во второто полувреме Бирет се исправи и израмни во 55-та минута, а целосниот пресврт го донесе Брил Емболо во 73-та минута.

Ница го заврши натпреварот со играч помалку, бидејќи во 91-та минута директен црвен картон заработи ветеранот Данте, поранешниот дефанзивец на Баерн Минхен.

- Оглас -

Најнови вести