34.8 C
Skopje
недела, 13 јули 2025

Монтела претставен како селектор на Турција, во договорот има необична клаузула

Италијанецот Винченцо Монтела официјално беше претставен пред медиумите како селектор на фудбалската репрезентација на Турција, потврдено е дека со него е потпишан тригодишен договор, што значи дека може да ги води и евентуално на Мундијалот во САД, Канада и Мексико во 2026 година.

Интересно е дека во договорот е вметната една необична клаузула. Секое напуштање на Турција, Монтела ќе мора прво да го најави во Турската фудбалска федерација и да добие дозвола за патувањето.

Во Турција сметаат дека е важно селекторот да живее во нивната земја и постојано да ги следи игрите и формата на репрезентативците. Досегашните селектори на Турција, кои беа странци, не живееја во Турција, но Монтела ќе живее и нема да смее да си оди кога сака.

„Воопшто не се двоумев кога ја добив понудата. Две години живеев во Турција, ги познавам менталитетот и културата кои ме потсетуваат на делот на Италија во којшто пораснав. Тимскиот дух е најважен, мора да бидеме како семејство. Носењето на дресот на репрезентацијата е престиж, одговорноста е голема. Сакам да ги вратиме радоста и среќата кај навивачите и, се разбира, да ги израдуваме бројните Турци кои живеат во Германија со пласман на ЕП во таа земја“, рече Монтела.

- Оглас -

Најнови вести