Морант направи нешто што не им успеа ниту на Џордан, ниту на Леброн, ниту на многу други…

Мемфис гризлис потфрли во првиот меч како домаќин против Јута по што ја препушти серијата на 2-1 во корист на Џезерите. Ноќеска во поразот од 111:121 најзабележлив домашен кошаркар на теренот беше Жа Морант, најдобриот новајлија во НБА за минатата сезона, кој мечот го заврши со 28 поени.

Учинокот го доведе во позиција да оствари подвиг каков што не е виден од 1970 година, а им успеало само на тројца кошаркари во целата историја. Имено, Морант е само четвртиот играч кој постигнал 100 или повеќе поени во првите три настапи во разигрувањата.

Младата ѕвезда на Мемфис во три меча против Јута бележи вкупно 101 поен, а претходно тоа го сториле иконите како Вилт Чембрлен, Џорџ Микан и Карим Абдул-Џабар. Тргна со 26 поени во дебито и победата за Гризлис, па блесна со 47 поени во претходниот меч, за ноќеска да застане на 28 поени.

Абдул-Џабар во дебитантската сезона во НБА стига до плејофот со Милвоки и врза 106 поени во првите три дуели во серијата против Филаделфија.

- Оглас -

Најнови вести